Најчесто поставувани прашања од лекарите за ПЗЗ (приватна здравствена заштита)
ПРАВНАТА ОСНОВАДали задолжително се приватизира примарната здравствена заштита и стоматолошката дејност во Република Македонија?
Да, според Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита од септември 2005 год. (Службен весник бр. 84/05), по пат на издавање под закуп се трансформира целиот преостанат дел од стоматологијата од јавното здравство и целата примарна здравствена заштита, освен дејностите наведени во Законот (превентивна здравствена заштита на децата, итната медицинска помош, патронажа).
ПРОСТОРОТ И ОПРЕМАТАНа кој простор за издавање под закуп вработениот има приоритет
Според член 200-л од Законот, приоритет при издавањето под закуп имаат здравствените работници на работните места на кои работеле најмалку шест месеци пред денот на влегувањето во сила на Законот.
Кога и како прецизно се уредуваат закупнинските односи?
Уредувањето на односите меѓу приватизираната ординација со здравствениот дом ќе се дефинира со договор за закуп. Во тој договор ќе се уреди закупнината и сите прашања кои се однесуваат на меѓусебните односи меѓу новооснованата приватна здравствена установа и здравствениот дом.
Која опрема се издава во закуп?
Според член 200-к од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита, ординациите се издаваат под закуп заедно со затекнатата опрема, инструменти и инвентар, односно во состојба во која се затекнати, со обврска да бидат во работна функција.
Кога и како прецизно се утврдува опремата која се издава во закуп?Опремата која им се издава под закуп на докторите е истата со која работеле и за која биле службено задолжени. Секој лекар е одговорен за одржувањето и губењето на опремата која ја должи.
Опремата не е предмет на утврдување во решенијата за закуп. Таа детално ќе се утврди со записник за примопредавање меѓу здравствениот дом и новоосновата здравствена установа на докторот-закупец.
Дали здравстениот дом има обврска да обезбедува дополнителна опрема за издавање под закуп?
Здравствениот дом нема обврска за дополнителна набавка на опрема која би се издавала под закуп. Инвестирањето во опремата од страна на закупците во просторот кој им е издаден под закуп е прашање на нивна иницијатива.
Како лекарите-закупци да го регулираат дополнителното сопствено инвестирање во помошните простории, санитарните јазли и другите заеднички простории земени под закуп од здравствениот дом?
Висината и начинот на плаќање на закупнината за приватизираните ординации во јавните здравствени установи ќе се определи со договор за закуп, склучен помеѓу основаната приватна здравствена установа и здравствениот дом. Со средствата од закупнината Домот треба да ги покрие трошоците за тековно и инвестиционо одржување на тој простор. Значи, бидејќи не станува збор за пазарна, туку за наменска закупнина, техничкото одржување на просторот е обврска на здравствениот дом, а средствата од закупнината се определени токму за таа намена.
Од друга страна, инвестирањето од страна на закупците во просторот кој им е издаден под закуп е прашање на нивна иницијатива и оценка, со цел создавање подобри услови за работа во поглед на унапредување на работниот простор.
Дали ќе имаат проблеми со ДСЗИ со оглед на тоа што голем дел од ординациите не ги исполнуваат условите во однос на просторот (помала квадратура)?
Целокупната постапка на издавањето под закуп на простор и опрема од здравствените домови во Република Македонија се одвива според одредбите на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита (Службен весник бр. 84/05), а не според Правилникот за поблиските просторни услови, опремата и кадрите за основање и работење на здравствените установи (Службен весник на РМ бр. 11/92, 25/96, 48/02, 30/05 и 62/06).
Според член 92 и 93 од Законот за здравствената заштита, само министерот за здравство е надлежен со решение да утврдува дали се исполнети условите за основање приватни здравствени установи. Со Програмата на здравствениот дом, на која министерот дал согласност и со Решението на министерот се утврдува токму тоа - дека во случаите на ординациите под закуп се исполнети условите за основање приватна здравствена установа.
Според тоа, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, ниту има потреба, ниту законска можност да ги преиспитува решенијата на министерот за здравство за исполнување на просторните услови за работа, заради тоа што во тие услови веќе функционирале ординации во рамките на јавната здравствена установа.
Од друга страна, прашањето за условите е задоцнето, а истовремено го отвора и прашањето за “нов инвестиционен циклус”, за што се потребни време и пари со кои дражвата не располага.
ОДНОСИТЕ МЕЃУ ЗАКУПЦИТЕ И ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМКако се определува висината на закупнината?
Според член 7 од Правилникот за начинот на издавањето под закуп и за критеиумите за утврдување на висината на закупнината за просторот и опремата на јавните здравствени установи кои се издаваат под закуп (Службен весник на РМ, бр. 63/04), висината на закупнината е определена на следниот начин: до 50 м2 - 100 денари за м2, за простор над 51 м2 до 100 м2 - 60 денари, над 101 м2 до 200 м2 - 40 денари итн, а за објекти постари од 20 години - 80% од тие износи.
Колку е времетраењето на договорите за закуп и постои ли правна разлика меѓу “договор за закуп” и “договор за концесија”?
Договорите за закуп се склучуваат на неодредено време. Законот го употребува терминот “закуп”, а не концесија. Правна разлика меѓу “Договор за закуп и Договор за концесија” не постои, затоа што се работи за терминолошко разграничување на еден ист правен акт. Во теоријата ова често се нарекува концесија, исто како и во секојдневниот говор. Ако постои, постои само теоретско-правно разликување. Закупците со својата ПЗУ, од една страна, и здравствениот дом, од друга страна, склучуваат договор за закуп заради меѓусебно регулирање на правата и обврските од меѓусебните односи.
Дали здравствениот дом може да ги раскине договорите за закуп по сопствена волја, во било кое време?
Не, здравствениот дом не може “по сопствена волја” да ги раскине договорите за закуп, затоа што тие договори за склучени во интерес на осигурениците. Таквиот договор може да биде раскинат само ако се исполнети одредени услови: доколку закупецот не ја врши дејноста заради која е издаден закупот и доколкуне ги измирува обврските за закупнината (струја, вода, парно, греење) и други со договорот предвидени обврски.
Дали здравствени домови ги издаваат и просторите кои не се во нивна сопственост?
Да, предмет на издавање се сите простори во кои јавното здравство досега вршело дејности од примарната здравствена заштита и стоматологијата.
Без оглед на тоа во чија сопственост е објектот, односно просторот во кој се наоѓа ординацијата (здравствен дом, училиште, локална самоуправа, месна заедница или друго правно лице), ординацијата е основана заради вршење општествено корисна дејност - пружање здравствена заштита на граѓаните заради кои истата е основана. Без разлика на сопственоста, во тој простор и понатаму ќе се врши истата здравствена заштита на тие подрачја.
Заради тоа, просторот кој е во сопственост на Република Македонија и е даден на користење на здравствените домови се издава под закуп, а просторот во училиштата, на локалната самоуправа, месните заедници и други правни лица се издава во подзакуп. Целта е да се задржи истата здравствена дејност за истите корисници на здравствени услуги, што истовремено е во корист и на докторите кои се таму вработени.
Кога се работи за простор кој не е во сопственост на Министерството за здравство, тогаш меѓу здравствените домови и основачот на новата приватна здравствена установа ќе се склучи Договор за подзакуп, во кој нема да се утврдува закупнината, туку тоа прашање ќе се уреди со закуподавачот.
Дали заеднички закупен простор од двајца доктори заради основање заедничка ПЗУ може да се подели заради основање две засебни ПЗУ-и?
Доколку постои физичка можност и реална потреба, секогаш останува можноста за ревидирање на просторот и тоа (1) во смисла на делба на просторот меѓу двајца закупци и основање посебни приватни здравствени установи, под услов просторот да може физички да се подели или, пак, (2) во смисла на ревидирање на закупот со доделување засебни ординациии на двајца закупци одделно. Ревидирањето на просторот зависи од фактичките просторни можности и се доделува во постапка која ја води здравствениот дом. Нема законска пречка просторот да се преуреди и по основањето приватна здравствена установа, доколку оценката за потребата од такво преуредување и натаму постои, а просторот има можност за физичка деливост.
На кој начин да се регулираат односите меѓу ПЗУ-и и здравствениот дом кога гинеколозите и педијатрите од ПЗУ-и ги вршат и породувањата и згрижувањата на новородените во гинеколошко-акушерското одделение?
Според измените на Правилникот за начинот на финансирањето на ПЗЗ, на гинеколизите и педијатрите од ПЗУ-и кои ги вршат породувањата и згрижувањата на новородените ќе им биде исплатен надомест за породувањето, односно прегледот директно од ФЗОМ (за осигурените лица), според фактурата за извршените услуги доставена до ФЗОМ.
Според тоа, однос меѓу здравствениот дом, од една страна, и приватната здравствена установа, од друга страна, не може да постои освен за уредување на меѓусебните односи во врска со закупнината и тековните трошоци.
АКТУЕЛНИТЕ ДИЛЕМИ (во периодот од 01.01.2007 досега)Поголемиот дел од закупците се во фаза на добиени делумни решенија за работа од Министерството за здравство (без конечно решение за работа). Дали ФЗОМ ќе склучи договори со нив, и дали истите ќе важат ретроградно од 01.01.2007 година?
Да, Фондот има обврска да склучи договор со сите приватни здравствени установи основани врз основа на закуп (чл. 200-у од Законот за здравствено осигурување). Изработката на дозволите за работа е правно-техничко прашање и предмет на административна постапка која е во тек.
Дозволата за работа ќе важи од датумот наведен во пријавата за работа (образец М-1) со кој докторот се пријавил во Агенцијата за вработување како вработен во приватната установа и од тој датум ќе се склучи и ќе важи договорот со Фондот. При тоа, не се работи за “ретроградно важење” на тој договор, туку за задоцнето барање и издавање на дозволи за работа.
Дали во овој период закупците треба да работат како дел од ЈЗУ и да ги почитуваат распоредите за дежурства и обезбедување на континуирана здравствена заштита според управата на здравствениот дом, или да функционираат како ПЗУ, со оглед на тоа што заклучно со 31.12.2006 ќе добијат отказ од здравствениот дом?
По датумот од кога важи дозволата за работа, закупците работат како приватна здравствена установа и немаат никакви допирни точки со здравствениот дом, освен оние утврдени со договорот за закуп. По датумот на престанок на работниот однос закупецот не може да работи во интерес на Домот.
Во Домовите каде што има утврдени дежурства заради обезбедување континуирана здравствена заштита, закупците се должни да учествуваат во дежурствата, заради згрижување не само на другите, туку и на своите пациенти.
Како да работат во идниот “вакуум” период од 01.01.2007 до склучувањето на Договорот со ФЗОМ, т.е. дали да ги наплаќаат услугите приватно за да си ги покријат трошоците за набавка на лековите и потрошниот медицински материјал, како и придонесите за плата на тимот, и дали е можно решение за овој преоден период - аванс од ФЗОМ во висина на плата?
Не постои “'вакуум' период”. Ако пријавата за работа е поднесена на 01.01.2007 г. дозволата за работа и договорот со Фондот ќе важат од тој датум. Според тоа, од 01.01.2007 г. на приватизираните доктори им следува “плаќање по капитација” и нема потреба од никаков преоден период.
Тоа значи дека по 01.01.2007 г. докторот-закупец мора да се придржува на прописите од здравственото осигурување и да наплатува само партиципација утврдена со важечката одлука на Фондот. Направените трошоци при вршењето на здравствените услуги се покриваат од износот на остварената капитација по осигурено лице.
Не е дозволено приватно наплатување на услугите и на потрошните материјали ако закупецот сака да има договор со Фондот, затоа што тоа би било кршење на правата на осигурениците од здравственото осигурување.
Ако Фондот не доцни со склучувањето на договорите, не е потребна авансна исплата на плати, од едноставна причина што и платата и капитацијата стигнуваат за исплата во наредниот месец.
Дали, под кои услови и по кои цени лекарите од ПЗУ-и имаат право во текот на дежурствата да наплатуваат услуги за укажаната здравствена заштита?
На лекарите од приватните здравствени установи кои вршат примарна здравствена заштита за време на дежурството во јавната здравствена установа не им е дозволено да наплатуваат здравствени услуги од пациентите - осигурени лица, заради тоа што и за време на дежурствата се почитуваат правата на осигурените лица, а на дежурната екипа за тој ден ќе и' биде исплатен надомест за дежурството од страна на ФЗОМ, преку здравствениот дом.
Лекарите можат да наплатат само партиципација согласно Одлуката на Фондот, доколку таква партиципација е предвидена.
Но, дежурните лекари од неосигурените лица можат да ја наплатуваат полната цена на здравствената услуга во висина на вообичаените цени.
Дали ќе се создаде вакуум простор од неколку месеци кај концесионерите-специјалисти стоматолози, со оглед на тоа што критериумите од Договорот за специјалистичко-консултативната заштита не им се познати, а тие немаат право на преоден период и средства од ФЗО до склучувањето на Договорот?
За закупците стоматолози - специјалисти нема да се создаде вакуум-простор, заради тоа што се' е регулирано. Специјалистите стоматолози не се на избор, што значи за нив не важи принципот на капитација, специјалистичките услуги ќе се плаќаат “по услуга”, како и досега, според важечкиот ценовник на здравствени услуги за сите услуги направени по почетокот на работата на приватната здравствена установа.
Заради тоа, за нив не е предвиден преоден период. ФЗОМ има обврска да склучи договор со закупецот, ако тој тоа го бара.
Зошто концесионерите кои од 01.09.2006 година функционираат како ПЗУ до овој момент добиле надомест за извршени услуги од ФЗОМ само за месец септември?
Штом добиле за месец септември, надоместот ќе продолжи да се исплаќа и за другите месеци, а за секое конкретно задоцнување одговорот треба да го даде ФЗОМ.
Дали концесионерите во втората етапа на приватизацијата кои се изјасниле дека ќе работат како матични стоматолози го имаат истото право на исплата од ФЗОМ за преодниот период, како и матичните стоматолози - концесионери од 2005 година?
Да, заради тоа што ќе вршат општа стоматолошка здравствена заштита и затоа преодниот период од 10 месеци важи исто како закупците од првата фаза на приватизацијата.
Дали има ограничувања во однос на работното време за лекарите-закупци?
Во принцип, работното време е прашање на внатрешното организирање на установата. Значи, докторот може да работи “едносменски” или “двосменски”, како што тој смета дека е најдобро за пациентите.
Се разбира, работното време на приватизираните установи треба да биде предмет на усогласување со работното време на закуподавачот, односно здравствениот дом или другата установа (училиште, општина) каде што ординацијата е издадена во подзакуп.
Дали во домовите каде што итната медицинска помош се организира со дежурства од страна на матичните лекари, лекарите-закупци во домот можат самоиницијативно да организираат дежурства и дали тие ќе им бидат платени?
Да, докторите-закупци можат самоиницијативно да организираат дежурства надвор од задолжителите обврски со обезбедувањето итна медицинска помош. Тие дежурства (во попладневните часови, во викендите) не се плаќаат надвор од капитацијата, затоа што докторите ги организираат заради потребите на пациентите, а во рамките на усогласување на своите можности во секое време да одговорат на тие потреби.
ПОЕДИНЕЧНИ СЛУЧАИ со тенденција за актуелизацијаШто со забележаните индивидуални случаи на ротирање на лекари кои биле предвидени за концесија, а подоцна повлечени во ЈЗУ?
Во прописите е определено дека се приватизира секој каде што е затекнат на работа. Дозволени се исклучоци од тоа правило само ако постојат објективни причини и ако се постигне таков договор.
Одговорот за евентуалните комбинации за преместувања надвор од овие правила и причините за тоа треба да се бараат директно од директорите на здравствените домови.
Дали ќе мораат концесионерите од примарната стоматолошка заштита (од 2005 година), иако добиле конечно решение за работа од Министерството за здравство да вработат нови сестри за да склучат Договор со ФЗО, бидејќи некои ПЗУ имаат конечни решенија со 4-5 доктори и 2 сестри (Идадија, Битпазар, Чаир)?
Закупците кои добиле дозвола за работа од првата фаза на приватизацијата (2005 год.) немаат обврска да примаат повеќе сестри како услов за работа од тогаш утврдениот број во дозволата за работа.
Но, ако тие закупци сакаат да склучат договор со ФЗОМ, Фондот ќе бара вработена сестра за секој доктор, заради тоа што капитацијата е димензионирана за лекарски тим (доктор и сестра).
Доколку мораат да вработат нови сестри, дали истите мора да имаат положено стручен испит, со оглед на недостатокот на таков кадар во Агенцијата за вработување?
Да, нововработените сестри мора да имаат положен стручен испит. Паушална е оценката дека во Агенцијата за вработување нема такви кадри.
Како да се регулира проблемот со “дивото” запишување на пациентите без нивна согласност врз база на стара амбулантска евиденција?
Изборот на доктор го врши самиот пациент со потпишување на изјава за избор на лекар (образец ИЛ-1) со негов своерачен потпис. Нова изјава за избор на нов лекар може да се направи само доколку на претходната изјава е поднесена одјава.
“Запишувањето” на пациентите без нивна согласност и врз основа на “стара амбулантска евиденција” е недозволена и невалидна. ФЗОМ, кој води комјутерска евиденција за изборот на лекарите, треба да го одбие секој нов “избор на лекар” ако изјавата не е потпишана од осигуреното лице.
Таквото “запишување” или “автоматско пренесување” на пациентите од еден на друг матичен лекар не може да биде основа за исплата на капитација.
Кој е одговорен за имунизацијата, кога истата ја вршат патронажните служби при ЈЗУ, а докторите од ПЗУ се повикувани во случај на компликации?
На патронажните служби во јавните здравствени установи не им е дозволено да вршат имунизација, заради тоа што пред имунизацијата секогаш е потребен лекарски преглед, а од друга страна патронажните служби не располагаат со вакцини.
Ако таква практика има, одговорна е прво патронажната сестра која прифатила да става вакцина без доктор, а потоа одговорниот работник кој и' дал вакцина, како и директорот на здравствениот дом кој дозволил да се врши вакцинација без лекарски преглед.
За имунизацијата во Република Македонија во секој здравствен дом е организирана посебна служба од најмалку еден лекарски тим (доктор и сестра).
Забните техничари во поликлиника Идадија изразија незадоволство од начинот на приватизација, заради непостоењето на преоден период, ниска цена на нивниот дел од протетската услуга и мал број на пациенти?
Забните техничари работат на изработка на забни протези, кои имаат своја утврдена цена. Според тоа, плаќањето на тие услуги ФЗОМ ќе ги плаќа по утврдената цена. Висината на цената и евентуален преоден период е прашање кое се утврдува со општ акт на Фондот.
Дали е законски издржано директор на здравствен дом во исто време да биде концесионер и да обавува директорска функција?
Додека директорот на здравствениот дом ја врши директорката функција не може да добие дозвола за работа како концесионер, затоа што е во работен однос во здравствениот дом. За тоа време, неговата концесија мирува.
На кој начин во здравствениот дом во околните села кои гравитираат кон домот, а се од распрскан тип, да се обезбеди здравствена заштита на населението кога достапноста до нив е многу отежната, а во исто време докторите од ПЗУ-и имаат обврска да бидат во ординациите заради обезбедување на здравствена заштита на осигурениците во градот?
Здравствената заштита во примарната здравствена заштита се остварува кај избраниот лекар, без оглед на локацијата на неговата ординација. Во селата од разбиен тип, особено селата со мал број население, не е можно да се обезбеди здравствена заштита во самото село. Во таквите случаи, редовната здравствена заштита се обезбедува кај најблискиот матичен лекар.
Во итни случаи, здравствена заштита на терен ја обезбедува итната медицинска помош, која што контиунирано е организирана во здравствениот дом.
Што со докторите кои имаат мал број пациенти и не концесионираат, а поради малиот број на жители во општината не се во можност да обезбедат доволен број на осигуреници и во овој случај би останале без работа?
Бројот на пациентите кои го избрале матичниот лекар е прашање на односот меѓу пациентите и лекарот. Лекарот кој има мал број пациенти треба да се обиде да собере што поголем број пациенти, вклучувајќи ја можноста покрај градската ординација да земе под закуп и селска ординација каде што има население.
Што со медицинските сестри и административно-техничкиот персонал кои остануваат во јавното здравство по завршување на приватизацијата на лекарите и по усогласување на потребниот број вработени согласно важечките критериуми за секоја организаицона единица одделно?
Медицинските сестри и административно-техничкиот персонал остануваат во јавното здравство. Во досегашната постапка за спроведување на Законот, не се преземени мерки за приватизација или други мерки за трансформација, односно, приватизација на административно-техничките служби. Токму заради тоа беше потребно најпрвин да се утврди кои медицински служби ќе останат во јавното здравство, а потоа да се изврши проценка и да се изградат критериуми за тоа колку и какви немедицински кадри се потребни да останат во здравствените домови, заради опслужување на здравствените служби кои остануваат во јавните здравствени установи.
Имајќи во предвид дека немедицинските служби кои остануваат во јавните здравствени установи се веќе утврдени со програмите, создадени се услови за трансформација и на немедицинските работници во наредниот период.
За да се спроведе трансформација на немедицинските служби потребно е пре-тходно да се утврдат критериуми според кои ќе се утврди какви и колку кадри се потребни да останат во јавното здравство.
ДРУГИ ДИЛЕМИ поставувани во контекст на приватизацијатаДали изработката на медицинска мапа ќе има влијание во смисла на ограничување на бројот на ПЗУ на дадена територија?
Не, подготвувањето на медицинска мапа нема влијание во приватизацијата по пат на закуп, заради тоа што таа е во подготовка и не се знае какви решенија ќе содржи. При нејзината подготовка ќе се води сметка за затекнатата мрежа на приватни здравствени установи основани по пат на закуп.
Дали матичните доктори можат да им издаваат лекарски уверенија за работа на своите осигуреници?
Тоа е прашање на стоматолошката докрина, а не управно-правно прашање или прашање во врска со приватизацијата.
Зошто не е различна вредноста на бодот по возрасни групи кај матичните стоматолози како што е случајот со матичните лекари, кога услугата која ја пружаат матичните стоматолози чини многу повеќе, отколку прегледот кај матичниот лекар?
Ова прашање е одредено со Правилникот за финансирање на стоматолошката здравствена заштита.
Ако постојат причини за поинакво утврдување на капитацијата, треба да се поведе постапка пред ФЗОМ, да се проучи и аргументира потребата и евентуално да се бара измена на постојниот Правилник.
Како да се реши прашањето со воведување на стандарди за работа на специјалистите-стоматолози, со цел да се одбегнат конфликтните ситуации со пациентите, на кои е тешко да им се објасни зошто се неопходни сите дијагностичко- терапевтски процедури?
Тоа е прашање на стоматолошката докрина, а не управно-правно прашање или прашање во врска со приватизацијата.
Дали Лекарската и Стоматолошката Комора ги штитат адекватно интересите на лекарите во овој период на трансформација?
Во текот на трансформацијата, а особено во текот на подготвување на прописите за оваа трансформација, Лекарската и Стоматолошката Комора активно учествуваа во градењето на ставовите вградени во Законот и во подзаконските акти и ги штитеа интересите на потенцијалните закупци.
Самата постапка за приватизација е управно-правна постапка за спроведување на прописите, во која нема место за активности на коморите.
Дали постои позитивен став кон досегашниот тек на приватизацијата од страна на матичните стоматолози-концесионери, кои веќе година и пол работат како ПЗУ и ги имаат канализирано тековните активности?
Позитивниот став на “старите концесионери” укажува на фактот дека во последните две години во Република Македонија се случија реални реформи во здравството во Република Македонија, реформи кои покажаа најголеми резултати од сите досегашни.
Позитивниот став кој преовладува кај веќе приватизираните стоматолози се очекува да преовладее и по актуелната приватизација. Прерано е да се мисли дека сите дилеми и неодразбирања се расчистени, а уште помалку да се изведуваат заклучоци.
Веќе има позитивни искуства од докторите во примарната здравствена заштита во здравствените домови во кои порано е завршена постапката за приватизација.
Позитивните ефекти во здравството, како на поединечен, така и на глобален план на ниво на Република Македонија ќе се заокружат со завршување не само на оваа фаза од приватизацијата, туку и на целиот процес на трансформација на здравството.
НОВО!!! Техничка помош за политиката за цени и поврат на средствата за лековите во Македонија
Закон за медицински производи и медицински помагала
Предлог за измени на законот за медицински производи и медицински помагала
Техничка помош за политиката за цени и поврат на средствата за лековите во Македонија
Техничка помош за регулирање на ценовната политика на лекови во Република Македонија
Извештај за спроведената обука на ExAnte финансиските контролори
Прирачник за проценка на чинењето на основниот пакет на здравствени услуги
Стратегија за комуникација и односи со јавноста
Консултантски ангажман за законодавството за даватели на здравствени услуги
Ново!!!Финансиска анализа за идниот основен пакет на здравствени услуги во Република Македонија
План за имплементација на здравствената стратегија
Стратегија за развој на Македонски интегриран здравствен информатички систем
Модернизирање на процесите за лиценцирање за лекари, стоматолози и фармацевти
Здравствена Стратегија на Република Македонија 2020 Годинa
Оценки и ставови на Граѓаните за реформата на здравството во Република Македонија
Консултантски услуги за ревизија на основниот пакет со услуги
Развој на методологија за определување референтни цени на лековите
Клинички индикатори за успешност на болниците во Република Македонија
Прирачник за Менаџмент и Лидерство во Здравството
Децентрализација на здравствениот систем на Република Македонија
Оддел эа Анализа на Политиката
Креирање на политика за партиципација во рамките на социјалното здравствено осигурување
Реформи на здравствениот систем во Македонија - Подобрување на здравствените услуги
Организација, функционирање и финансирање на јавното здравство во Република Македонија
БАРАЊE ЗА ИЗРАЗУВАЊЕ НА ИНТЕРЕС
Набавка на медицинска опрема, медицински и канцелариски мебел, модели за обука и потрошни материјали за клинички вештини за 17 рурални амбуланти во општините низ Македонија и за просториите на Образовниот Центар за семејна медицина во Скопје
Набавка на Универзална Рентген радиографска единица за Специјалната Болница за Ортопедија и Трауматологија „ Св.Еразмо“ Охрид










